Приказна за Amazon, вештачката интелигенција и илузијата за корпоративна грижа за луѓето

Сите кои се во бизнис го знаат првото и основното правило – сè е во тајмингот! Не постои случајно објавена вест, нема импулси и нема спонтаност.

prikazna-amazon-4806-fi

Извор: Freepik

Затоа ми е многу интересно од консултантска перспектива да го набљудувам тоа што се случи во Amazon во последните неколку дена. Компанијата објави дека ја започнува иницијативата “Future Ready 2030”, вредна 2,5 милијарди долари, наменета за унапредување на вештините на вработените – и тоа не само на оние што веќе работат во Amazon. Програмата го вклучува проширувањето на пристапот до образование, обуки од областа на вештачката интелигенција, поттикнување на развој на дигитални компетенции и можност за вработените да се преквалификуваат во улоги на иднината. Само неколку дена подоцна, Amazon објави: отпуштаме 14.000 луѓе.

И сега сите се во шок од оваа информација. Но навистина нема место за изненадување и констатации дека ова е контрадикторна одлука. Ова е лекција. И тоа лекција од која нема да побегне ниту една компанија во светот, па ни кај нас во регионот. Бидејќи додека ние сè уште дискутираме дали луѓето треба повеќе да работат од канцеларија или од дома, светот веќе го преместува фокусот од прашањето каде работиме, на прашањето кој работи и што е уште поважно – дали воопшто е потребно тоа да биде човек.

Вештачката интелигенција не е новитет. Но темпото со кое ги менува работните места е

AI не е нешто што се појави вчера. Machine learning постои со децении. Чатботови постојат со години. Автоматизацијата на процеси веќе е дел од работењето во многу индустрии. Но она што е ново и што сè менува е брзината на интеграцијата. Брзината со која организациите сфаќаат дека AI веќе не се гледа како „алатка“, туку како систем. Брзината со која компаниите уведуваат дека вештачката интелигенција ќе го промени начинот на кој се донесуваат одлуки, се организира работата, се покренуваат тимови, се избираат приоритети и се вреднува учинокот. И што е најважно: AI ја менува логиката на работењето побрзо отколку што луѓето можат да се прилагодат. И токму поради тоа одлуката на Amazon совршено се вклопува во оваа нова реалност – инвестираме милијарди за да им помогнеме на вработените да развијат нови вештини. Но истовремено го намалуваме бројот на луѓе кои не можат доволно брзо да ги развијат тие вештини. Со други зборови: upskilling не постои за да ги задржи луѓето. Upskilling постои за да ги замени – со оние кои можат да бидат конкурентни во новиот систем. Тоа е пред сè механизам на селекција.

Новиот договор меѓу работодавецот и вработениот

Порано се подразбираше – вработените даваат лојалност и стабилност. Компаниите возвраќаат со сигурност. Тој модел е мртов. Го нема! И нема да се врати. Денес постои нов, премолчено јасен однос – компанијата вели: „Ќе ти дадам прилика да научиш“, но со тоа истовремено вели: „Ако не научиш – нема да те задржам.“

Тоа не е суровост. Тоа е современа економија во која компаниите можат да преживеат и да бидат конкурентни.

Вештините кои беа ценети пред пет години, денес веќе не се релевантни. Дипломата не е доказ за компетентност, туку само доказ дека некој некогаш нешто учел. А работата повеќе не е стабилна рамка – туку проект со рокови, фази и пресврти.

Секој што не еволуира – ќе биде системски заменет

Да бидеме јасни, ова не е драматична најава за иднината. Ова е опис на сегашноста. Upskilling служи како филтер, а не како бенефит. Звучи убаво кога корпорациите објавуваат големи програми за развој на луѓето. Насловите и програмите најчесто блескаат, но ако погледнеме подлабоко, овој потег има многу јасна цел – компанијата сака да ги задржи оние кои можат да работат во свет во кој AI го диктира темпото. И тоа не сите. Не мнозинството. Туку оние најскапи. Најбрзи. Најприлагодливи. Во тој контекст, upskilling не е подарок, туку тест.

А каде сме тука ние и нашиот регион?

Кај нас и понатаму се водат дебати за тоа дали два пати неделно од канцеларија е доволно за да се „осети културата“, дали Gen Z е „разгалена“ и зошто луѓето „не се лојални“.

Истовремено, реалноста е дека во поголемиот дел од системите програмите за развој се спорадични, обуките се избираат по принцип „кој е слободен да одржи тренинг“, лидерите сè уште веруваат дека „вештините доаѓаат со искуство, а не со учење“, а HR колегите и понатаму се обидуваат да објаснат дека тренингот не е трошок, туку инвестиција.

Следните 18 месеци ќе бидат пресудни!

Не 5 години. Не „долгорочно“. 18 месеци.

Толку ќе биде потребно за AI да автоматизира уште еден слој работни места, работодавците да сфатат дека можат многу брзо да ги реструктурираат операциите, пазарот на труд да стане уште пофлуиден и компетенциите да станат единствената вистинска валута.

Кои ќе бидат најзагрозени?

  • Тие што имаат тесно специјализирани, повторливи работни задачи.
  • Тие што работат работи што AI може да ги научи и да ги извршува подобро и побрзо.
  • Тие кај кои последната новостекната вештина е од пред 3+ години.
  • Тие што се навикнале дека добрата работа сама по себе е доволна.
  • Тие што чекаат компанијата „да организира едукација“.
  • Тие што веруваат дека нивната позиција се подразбира.

 Зашто во новата економија – ништо не се подразбира.

Што ќе се цени во следните години?

Повеќе нема да се ценат само работните навики, тимскиот дух и флексибилноста. Компаниите ќе очекуваат:

  • способност за решавање комплексни проблеми
  • комуникација и влијание
  • способност за донесување одлуки во неизвесност
  • креативност и примена на знаењето во нови контексти
  • емоционална интелигенција
  • и пред сè: отвореност кон постојано учење

Тоа се вештини кои AI не може едноставно да ги преземе.

И затоа е време да бидеме брутално искрени!

Никој не им должи сигурност на вработените. И никој не им должи лојалност на компаниите.

Единствената работа што нѐ штити е нашата подготвеност да учиме. И тоа не „кога ќе стигнеме“, не „кога компанијата ќе организира“. Туку – сега.

Зашто прашањето повеќе не е: Што работиш?

Туку: Што знаеш да работиш што AI не може?

За авторот:

Никола Милосављевиќ е ко-основач на HR Fabrika и HR асоцијацијата O.U.R. HR, една од највлијателните HR иницијативи во регионот. Преку конференции, тренинзи и подкастот O.U.R. HR Stories, Никола ги поврзува лидерите кои се подготвени да зборуваат отворено – за предизвиците, грешките, промените и вистинските луѓе зад процесите. Како консултант и тренер со повеќе од 15 години искуство, соработува со некои од најуспешните компании во регионот, помагајќи им да ги унапредат своите HR стратегии, да развијат лидери и да изградат работни средини во кои луѓето навистина сакаат да останат – не затоа што мораат, туку затоа што се видени и вреднувани.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.