Во последниве десетина години сведочиме на бројни пронајдоци кои благодарение на иновативните технологии на системите со вештачка интелигенција можат да одговорат на специфичните индивидуални потреби и да ги прошират можностите на лицата со разни видови на попречености да живеат самостојно. Од подобрување на мобилноста, комуникација преку софтвер за следење очи и препознавање глас кој овозможува пристапат до информации и образование, до дигитални асистенти, софтвер за говор во текст, автоматски генерирани видео наслови и описи на слики, аватари на знаковен јазик, протетски екстремитети, па дури и поддршката за менталното здравје се само неколку примери за тоа како вештачката интелигенција може да го направи животот на многу луѓе подобар и поквалитетен.
.lumen очила за безопасна и независна навигација на лица со оштетен вид
Еден таков понов пример се очилата .lumen со Intel RealSense камери за длабочина со напредна хардверска и софтверска платформа наменети за лица со оштетен вид. Во светот денес живеат речиси 40 милиони луѓе со оштетен вид, за кои сé уште стапчето или кучето-водич се единствени доверливи асистенти со кои тие можат да се движат надвор од својот дом. Но, и тоа е на прагот да се промени, благодарение на достапните иновативни технологии денес. .lumen очилата се создадени да го променат и револуционизираат начинот на кој луѓето со оштетен вид се движат во околината, односно нивната попречена интеракција со светот да ја направат достапна. Овие очила, повеќе налик на уред за виртуелна реалност, користат напредни сензори за детектирање на објекти и пречки, имитирајќи ја функцијата на куче-водич.
Извор: .lumen
Хаптичка технологија и 3D разбирање на околината
Во срцето на .lumen очилата е хаптичната технологија, позната и како кинестетичка комуникација или 3D допир, а се однесува на која било технологија што може да создаде искуство на допир со примена на сили, вибрации или движење на лицето кое ги користи очилата. Овие технологии може да се користат за создавање виртуелни објекти во компјутерска симулација, за контрола на виртуелни објекти и во телероботиката. Во случајот со .lumen очилата, хаптичка интеракција ги води корисниците преку благите вибрации, обезбедувајќи сигурна навигација. Многу слично со напредниот систем за асистенција на возачот во автомобилите (ADAS), кој користи сензори и камери за детектирање и навигација низ пречки.
Очилата го осознаваат опкружувањето благодарение на Intel RealSense стерео технологијата за длабочина, која ги обработува облаците на точки, семантичката сегментација и визуелно-инерцијалната одометрија. Овој систем овозможува целосно 3D разбирање на околината, самоуверено и самостојно одење, помагајќи им на корисниците да избегнуваат опасности и да ја планираат својата рута на движење.
Визијата на самоуправувачки автомобили во носива форма олицетворена во очилата .lumen го донесува можеби најзначајниот пресврт досега за лицата со оштетен вид кој значително може да им ги подобри животите. Сигурноста, разбирањето на околината во реално време и сé поголемата независност се животни компоненти кои сега им се достапни, како резултат на врвните технолошките иновации и човекот како нивен идеен творец.
.lumen е романски стартап кој произведува очила кои им помагаат на лицата со оштетен вид.