Позната како жолт ѓумбир или индиски шафран, куркумата припаѓа на семејството на ѓумбир и потекнува од Јужна Азија, а може да се најде и во тропските предели. Нејзиниот корен е многу сличен на коренот од ѓумбир, но е интензивно жолт и од него се добива прав. Покрај тоа, овој зачин содржи есенцијални масла, протеини, шеќери и активна состојока куркумин, кој има значително противупално и антиоксидативно дејство. Од таа причина, од одамна е познат како ефикасно средство за нега и лекување на кожата.
Со илјадници години традиција, правот од куркума се користи во ајурведа, древната медицинска традиција на Индија, за лекување на различни состојби на кожата, како што се акни, митесери, темни дамки, егзема и псоријаза. Како природен антисептик, куркумата може да се користи и за лекување на свежи или инфицирани рани. Овој чудотворен зачин исто така помага во намалување на знаците на стареење, се бори против дамки, го изедначува и осветлува тенот. Исто така помага во заздравување и хидратација, одржувајќи ја кожата еластична. Во комбинација со различни билки и масла, куркумата се користи во источните традиции за свадбени церемонии и подготовка на невести, за да блескаат во полн сјај на денот на венчавка. Испробајте некој од овие рецепти кои лесно можете да ги направите во својата кујна и уверете се во фантастичните ефекти на куркумата.
Три рецепти за маски од куркума
Маска од куркума за сјај на кожата
Оваа маска се прави од мешавина на куркума и мед. Спојот на природни состојки со противупално и антибактериско дејство ја хидрира кожата, ја прави мека и посветла, а брчките стануваат помалку видливи. Враќа природен сјај на кожата, поради што веднаш ќе изгледате посвежо и помладо. Можете да додадете и лимон кој ја посветлува темната пега.
Состојки:
1 лажичка куркума во прав, 1 лажичка мед, 1 лажица јогурт и сок од свеж лимон (опционално).
Метод:
Измешајте ги сите состојки и нанесете на исчистена, сува кожа. Оставете да делува 20 минути, а потоа исплакнете.
Пилинг со куркума
Комбинирајќи куркума со кремаст, ладен јогурт (кој смирува, хидрира и нежно прави пилинг благодарение на млечната киселина) и кафеав шеќер (одличен пилинг кој е нежен за кожата), можете лесно и ефективно да ги отстраните мртвите клетки и да добиете мазна и мека кожа.
Состојки:
1 лажичка куркума во прав, 1 лажица јогурт (грчки) и 2 лажици кафеав шеќер
Метод:
Измешајте ги состојките за да формирате хомогена паста. Нанесете на исчистена и сува кожа. Нежно масирајте со кружни движења 5 минути, а потоа исплакнете со топла вода.
Маска од куркума за сува кожа
За нега на сува кожа која има потреба од хидратација и обнова, додајте авокадо и кокосово млеко на маската од куркума. Авокадото е богато со масни киселини за обнова и нега, а кокосовото млеко содржи добри масти, витамини и минерали. Овие состојки го поттикнуваат хидрирањето и заглажување на текстурата на кожата.
Состојки:
1 лажичка куркума во прав, Половина пасиран авокадо и 1 лажица кокосово млеко
Метод:
Измешајте ги трите состојки додека не се соединат и нанесете на исчистена и сува кожа. Оставете да делува до 30 минути, а потоа исплакнете со млака вода.
Дополнителни совети за користење на куркума во beauty рутината
Подготовката на овие маски одзема само неколку минути. Додека маската е на лицето, можете да се опуштите во топла бања, да медитирате, да читате или да се занимавате со друг вид самоподдршка. Можете да ја комбинирате куркумата со растопено кокосово масло (наместо со млеко), а за пилинг маската можете да користите брашно од леблебија наместо кафеав шеќер. Во секоја комбинација со куркума може да се додаде јогурт, млеко или топла вода.
Маската можете да ја нанесувате со четка, не само на лицето, туку и на врат и деколте.И уште еден корисен совет: куркумата има силна жолта боја која може да остави трага на лицето. За да го избегнете привремениот жолт ефект, нанесувајте тенок слој. Доколку забележите жолти дамки, лесно ќе ги отстраните со комбинација од лажица сок од лимон (со избелувачко дејство) и малку кафеав шеќер за пилинг. Нежно втријте на обоените места и исплакнете.